Грант од Македонија 2025 за обука на македонски менаџери

23

makedonija 2025Проектот Лидер по седми пат го организира организацијата Македонија 2025 заедно во соработка со Сојузот на Стопански комори на Македонија и Бизнис школата Ричард Ајви од Канада.

Станува збор за проект кој што се одржува од 1991 во околу 30 различни земји во светот, и е наменет за претставници на мали и средни претпријатија, како и на претприемачи со развиена бизнис идеја или кои допрва сакаат да развијат.

Програмата и обуките ќе се спроведуваат по начинот на работа на Бизнис школата Ричард Ајви, односно преку интерактивно тимско работење на 8 реални примери – Case Studies во чии рамки ќе се обработат теми како што се претприемништво, стратешко одлучување, маркетинг стратегија, услови и техники на финансиско работење, креирање на додадена вредност на бизнис плановите и други.

„Проектот Лидер претставува обука за сет на технички вештини кои што учесниците може да ги процесираат и применат во нивните секојдневни предизвици или можности во претпријатијата“, објаснува Луси Ли, извршен директор на Проектот Лидер за 2013 година.

Куртис Артур, фасилитатор на Проектот Лидер за 2013 беше воодушевен од македонските ученици и нивната желба да стекнат нови вештини и знаења.

„Извонредна е можноста да дојдеме и да им помогнеме на луѓето да се фокусираат на својата страст и да им помогнеме да успеат. Македонија е прекрасна земја со огромни можности, пазар кој се уште може да се развива и луѓе кои сакаат да успеат, но истовремено сакаат да придонесат и за успехот на својата земја,“ додава Артур.

Дневните модули се состојат од студија на случај, работилница и презентација на резултатите. Секој ден, по завршувањето на модулите се предвидени индивидуални, еден-на-еден консултации за компаниите со обучувачите, во кои фокусот на работење би бил реален аспект од работењето на компанијата за кој е потребно подобрување: бизнис развоен план, разработка на стратегија, маркетинг план, развој на човечки ресурси и др.