Грантови за прекугранична соработка на Македонија и Албанија

18
Европската унија ќе одвои 11.900.000 евра за новата ИПА прекугранична програма помеѓу Македонија и Албанија (2014-2020 година), од кои 10.710.000 евра се предвидени за добитници на грантови кои ќе поднесат проектни предлози, пишува Миа.
Новата ИПА програма за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија ќе биде промовирана денеска во Струга во присуство на претставници на владите на двете држави. Целта на програмата е да се стимулира поизбалансиран, инклузивен и оддржлив социо – економски развој на прекуграничната област.

Програмата се фокусира на три тематски приоритети на ИПА 2 регулативата што произлегуваат од анализа на потребите и можностите: поттикнување на туризмот и културното и природно наследство, подобрување на конкурентноста, економијата, трговијата и инвестициите и заштита на животната средина, унапредување на приспособувањето на климатските промени и миграцијата, заштита и управување со ризик.

Новата програма е продолжение на претходната, за периодот од 2007 до 2013 година. Во тек на новиот програмски период, повеќе напори ќе бидат вложени во зајакнување на капацитетите, создавање посилни и оддржливи вмрежувања и партнерства, вклучувајќи  и соработка со други потенцијални програми.