Грчки остров без корона, а сите 500 жители се вакцинирани

145

На грчкиот остров Кастелоризо нема коронавирус. Сите 500 жители на малиот грчки остров се вакцинирани.

Од минатиот март, на островот е откриен само еден случај со Ковид-19, а лицето било изолирано и вирусот не се прошири меѓу жителите на островот, пишува Euronews.

Локалните жители внимаваат, но живеат на порелаксиран начин. Секој што ќе пристигне на островот, мора да направи брз тест.

Марија Лазараки беше една од првите кои беа вакцинирани.

“Ја примив вакцината. Целокупната популација се вакцинираше, луѓе од 20 до 94 години. За среќа вирусот не стигна до нашиот остров. Пред пандемијата, имавме многу туристи. Се надевам дека ќе се вратат“ вели 90- годишната старица чие семејство има ресторан на островот.

Рибарот Михалис Матсос, вели дека претрпел значителна финансиска штета поради пандемијата, но се надева дека состојбата ќе се подобри во наредните месеци.

“Туристите повеќе не доаѓаат, сами сме. Рибата не може да се продаде. Што и да фатам, нема вредност. Се надеваме дека луѓето ќе дојдат ова лето бидејќи тие го купуваат поголемиот дел од рибата што ја фаќам“, вели Матсос.

Жителите на островот го поддржуваат предлогот на владата на Грција да се издаваат сертификати за вакцинација со кои би се зачувала безбедноста на жителите на островот при доаѓањето на туристите.

“За мали места како Кастелоризо, важно е да се знае дека туристите што доаѓаат се вакцинирани“, вели Стратос Амигдалос, заменик-градоначалник на островот.

Фото: Facebook