Властите во Грција работат на закон којшто, според нив, предвидува зголемување на пензиите и ќе биде атрактивен за ранливите категории.
Според министерот за труд и социјална политика на Грција, Јанис Вруcиц,се работи за првиот закон за социјално осигурување во историјата којшто е базиран на експертска студија што ја потврдува одржливоста на системот за осигурување во таа земја до 2070 година, како и дека се работи за прв закон по 12 години којшто не предвидува намалување на пензиите. Говорејќи за грчката новинска агенција АНА-МПА, Вруцис вели дека не е предвидено намалување на пензиите, “туку напротив, еден дел од пензионерите ќе добијат покачувања“.
“Најфорсирани се денешните и идните работници, бидејќи сите ќе видат зголемувања на нивните пензии, доколку имаат над 30 години работен стаж“, вели Вруцис.
Од синдикатот на вработени во јавниот сектор (АДЕДИ) велат дека новиот закон не е ништо друго, туку продолжување на законите од периодот 2010 до 2019 година и дека се подготвуваат за генерален штрајк.
Во штрајкот најавија дека учество ќе земат и вработените во јавниот превоз во Атина, со што грчката престолнина ќе остане без јавен превоз без автобуси, тролејбуси, трамвај и метро.
Од синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) наведуваат дека во новиот закон не постојат измени во старосната граница за пензионирање, односно дека во и во новиот закон се задржува границата од 67 или 62 години, со 40 години работен стаж. Помеѓу другото, бараат и враќање на 13-та и 14-та плата, како и државна гаранција за сите пензии.
Инаку, со последните измени донесени од Владата предводена од Ципрас, највисоката пензија во Грција изнесува 2.304 евра за тие што земаат една пензија, односно 3.088 евра за тие што добиваат повеќе пензии од различни места.
Фото: Pexels