Грешки што скапо ќе ве чинат во време на пандемија

101

Пандемијата го “покори“ целиот свет, го промени начинот на којшто функционира општеството и бизнисот во целина. Првото прашање што бизнисмените и претприемачите си го поставуваат во вакви услови е како најбезболно да се преживее ударот на коронавирусот од економска природа.

Сведоци сме на голема нееднаквост кога станува збор за развој и опстанок на бизнисите во услови кога светот е пред нов бран на коронавирусот, што со себе може да повлече повторно воведување на карантин, затворање и изолирање за да се спречи ширење на заразата.

Доколку имате сопствен бизнис, сигурно сте во потрага по модел што е економски исплатлив, а во исто време и отпорен на криза, како оваа. Многу работи зависат од природата на дејноста што ја работите, пазарот на којшто ги пласирате производите, навиките и потребите на потрошувачите… Но, аналитичарите имаат една јасна порака до сите бизнисмени – Да не го губат времето чекајќи помош од страна или да се надеваат дека пандемијата да помине.

Важно е во оваа ситуација да научите да “жонглирате“ со ресурсите што ги имате, внимателно да трошите, да ги скратите непродуктивните трошоци, да ги задржите вработените, високото ниво на мотивација, да се адаптирате на условите и да го “наместите“ бизнисот на развојна патека.

Доколку не успеете да се снајдете во целиот хаос, не очајувајте бидејќи тоа е можеби знак дека треба да направите рекапитулација на досега сработеното, да извлечете поука и да ја разбудите креативноста.

Не се презадолжувајте во услови на криза, бидејќи никој не знае колку долго ќе трае пандемијата, па затоа донесувајте паметни финансиски одлуки и стратешки размислувајте за да го задржите она што со години сте го граделе.

Пандемијата го “исфилтрира“ пазарот, па оние кои не беа доволно силни, се откажаа веднаш. Можеби пандемијата му дава шанса на вашиот бизнис да се спаси од премногу долгови, неуспешни производи или лоша стратегија. Затоа, добро размислете дали вреди да продолжите доколку не гледате перспектива за бизнисот, дури и откако светот ќе застане на свои нозе, а Ковид-19 ќе биде само еден “лош сон“.

Фото: Freepik