Greyp G6: Паметен е – велосипед на Римац што чини 7.500 евра

22

Фото: Facebook

Хрватскиот претприемач Мате Римац го претстави новиот модел на паметен електричен велосипед под името Greyp G6.

Освен тоа што го движи електричен мотор, што на корисникот му помага при управување со педалите, овој велосипед го добива епитетот паметен бидејќи е опремен со специјален систем поврзан со Интернет. Преку овој систем се собираат податоци при возењето, го следи и внимава на велосипедистот, па дури и комуницира со него преку мобилна апликација, пишува Нови лист.

“Од почетокот се сметаше дека сакаме да го постигнеме невозможното, но ние сакаме да бидеме најдобри во светот. Ако не успееме во тоа, тогаш нема ни да работиме. Денес не станува збор за Римац, туку за Greyp“, изјави Римац на свеченото претставување на овој велосипед.

Цената на велосипедот се движи од 6.500 до 7.500 евра, а онлајн продажбата започна во петокот. Како што наведува Јутарњи лист, досега се продадени неколку примероци од велосипедот. Најголем интерес за велосипедот има во Германија, Австрија и Швајцарија.

Greyp G6 развива максимална брзина од 25 километри на час, има батерија со којашто може да се поминат 100 километри со едно полнење. Исто така, велосипедот следи голем број параметри поврзани со теренот, состојбата на велосипедот, како и неговиот корисник. Велосипедот ја следи работата на срцето, па доколку забележи дека корисникот се наоѓа во опасност, веднаш повикува прва помош.