Grouper наскоро започнува со работа на пазарот во Косово

44

Кога зборуваме за успешни македонски старт – ап приказни во топ три секогаш го вбројуваме Grouper.mk, кој прерасна во препознатлив и влијателен бренд на македонскиот пазар и водечка компанија за е-трговија, којашто ја промени оваа индустрија во земјава. Преку понудата на атрактивни попусти Grouper успеа да привлече илјадници граѓани да ја направат својата прва онлајн трансакција и со тоа да се позиционира како game – changer на македонскиот пазар, стои во соопштението.

Успешната приказна на лидерот во е-трговијата и креаторот на едни од најуспешните онлајн маркетинг кампањи е препознаена и надвор од границите на нашата држава, па така наскоро најголемите попусти и најдобрите промоции ќе можат да ги уживаат и граѓаните и бизнисите во Косово.

Од Grouper велат дека се среќни што нивната професионалност и посветеност низ осумгодишното градење на успешен македонски бренд се препознаени и надвор од земјава.

“Ни претставува задоволство да споделиме дека Grouper наскоро ќе биде присутен на уште еден пазар. Grouper Kosovo (www.grouperkos.com) e франшиза на домашната компанија ВЕБСПОТ ДОО, сопственик на брендот Grouper, којашто наскоро ќе започне да ги нуди најголемите попусти и најдобрите зделки на косовскиот пазар, во соработка со бројни компании кои веднаш ја препознаа моќта на Grouper како промотивна алатка за нивните бизниси. Веруваме во потенцијалот на партнерот кој го одбравме, сигурни сме дека неговото искуство и капацитет ќе придонесат за успешно работење на новиот пазар и прераснување на Grouper Kosovo во препознатлив бренд како што е тука. Во изминатиов период напорно работевме на подготовките на франшизата, како и стратегијата за настап на пазарот. Заслугата на она што е Grouper денес, се темели на напорна работа, константно учење и следење на трендовите, што не би било возможно без нашиот тим од 17 млади ентузијасти и креативци, кои работат со пасија и со задоволство прифаќаат предизвици”, вели Д-р. Нина Ангеловска, косопственик и директор на Grouper.mk и Forbes 30 Under 30.

Grоuper.mk беше лансиран во 2011 година како прва платформа за групни попусти во Северна Македонија. Денес, опслужува над 200.000 корисници во соработка со над 3.000 компании чии производи и услуги ги промовира онлајн. Минатата година тимот на Grouper ја заврши со добивање на наградата Најдобар сајт во Македонија за 2018,  а отворањето на франшизата е уште еден доказ за успехот и популарноста на овој македонски бренд.