Грција годинава ги (рас)продава државните претпријатија

15

Во времето на големата финансиска криза во Грција, Атина се обврза да приватизира цела низа државни компании. Сега има реални вредности за продажба – но како Грција ќе генерира приход без нив?
Најголемиот скапоцен камен се наоѓа на триесет километри источно од Атина: меѓународниот аеродром во главниот град и најважниот аеродром во земјата. Најсовремено опремен, исклучително профитабилен со околу 28 милиони патници годишно. Досега државата имаше нешто повеќе од половина од сопственоста на тој аеродром, сега продава најголем дел од својот удел.

Дел од акциите на аеродромот ќе котираат на Атинската берза, но голем дел ќе оди на AviAlliance со седиште во Дизелдорф, која веќе има 40% од акциите на атинскиот аеродром и сега ќе преземе половина од сопственоста. Само од оваа приватизација Атина очекува во државната каса да се слеат над една милијарда евра. Тоа е најголемата емисија на акции на берзата од должничката криза пред десет години.

Уште тогаш Грција се обврза да ги приватизира своите средства и со тоа да ги врати долговите кон меѓународните кредитори. Само еден пример: пред осум години Фрапорт АГ, исто така германска компанија од Франкфурт, го презеде управувањето со 14 регионални аеродроми низ Грција. Но, генерално, во последниве години приватизацијата донесе многу помалку пари во грчката каса отколку што првично се очекуваше.

Годинава треба да биде поинаку: не само аеродромот во Атина ќе се приватизира, туку и поголем дел од грчката автопатска мрежа. Конкретно, приватизацијата на обрачот околу Атина треба да донесе многу: таму Грција се надева дека ќе инкасира над 3 милијарди евра, а нов сопственик треба да биде грчкиот концерн за градежништво и енергетика ГЕК Терна. Ќе се приватизира и автопатот меѓу Игуменица на северозапад од Грција, долг околу 600 километри, кој води до границата со Турција, а приватен сопственик чека пристаништето Лаврио кај Атина.

Сè на сè, грчкиот фонд за управување со средства оваа година бележи рекорден приход од 5 милијарди евра. Тоа звучи како многу, но за време на кризата Грција доби заеми и гаранции во износ од речиси 300 милијарди евра, а сегашниот национален долг на земјата е околу 370 милијарди – околу 160% од БДП и далеку над границата поставена од ЕЦБ .

Атина е убедена дека постепено ќе престане да биде најзадолжената земја во еврозоната: локалната економија оди релативно добро, доаѓаат рекордни туристички сезони, а пари ќе доаѓаат и од приватизацијата. Има инвеститори: и тие го следат растот на економијата, а неколку агенции за проценка на хартиите од вредност уште еднаш ја класифицираа Грција во категоријата „вреди да се инвестира“.

Но, со некои приватизации, Атина сепак стана повнимателна, особено на северот на земјата. Пристаништата во Кавала и Александрополи требаше да се приватизираат, но владата во Атина во последен момент дојде до заклучок дека овие пристаништа се премногу важни од геополитичка гледна точка за само да ги предаде на некој друг. Прво, тука е нивното воено значење поради војната во Украина и растечките тензии со Турција, но има и грчки амбиции преку овие пристаништа да испорача „зелена“ енергија на северот на Европа,  пренесува Сеебиз.