GS1 Македонија, во хотелот Александар Палас, го организираше третиот по ред отворен настан за бизнис заедницата. На настанот главна тема беа новите трендови и иновации во областа на транспортот и логистиката.
GS1 Македонија е организација посветена на подобрување на ефикасноста во трговијата и барањата во синџирот на снабдување, глобално и низ сектори. Целите на организацијата, којашто постои од 1994 година, се воведување, примена и развој на единствениот меѓународен систем на стандарди GS1 стандарди.
Нивната улога е поврзана со автоматска идентификација на производите и услугите, електронска размена на податоците и обезбедување на неутрална платформа за соработка помеѓу сите деловни партнери и стопански субјекти.
Настанот, којшто е едукативен и информативен, се одржува еднаш годишно, а се однесува на сите засегнати страни од бизнис секторот.
GS1 Македонија е единствен овластен претставник на меѓународната GS1 AISBL – Брисел во земјава. Организацијата поседува сертификат за ексклузивни права за доделување на GS1 идентификациони броеви на македонските компании.
На настанот меѓу другото беше промовирана и GS1 LEI услугата, односно идентификациониот број за правните субјекти. LEI бројот ја идентификува компанијата при финансиски трансакции и помага да се донесе паметна одлука при одбирање на бизнис партнер.