Како што продолжува конфликтот меѓу Украина и Русија, се повеќе компании се повлекуваат од оваа земја.
H&M објави дека привремено ја прекинува целата продажба во Русија, поради инвазијата на Украина. Вториот по големина трговец на мало во светот во средата изјави дека е загрижен за развојот на ситуацијата во Украина. Во официјалното соопштение шведскиот гигант вели дека останува „со сите луѓе кои страдаат“.
Инаку, според Би-Би-Си, H&M е последната во низата компании кои престанаа да продаваат во Русија. Синоќа руската веб-страница на H&M на англиски јазик не беше достапна за нарачка на клиентите.
Дополнително, услугата за стриминг Нетфликс објави дека ги паузирала сите идни проекти и аквизиции од Русија. Компанијата соопшти дека го проценува влијанието на сегашната инвазија врз Украина.
Исто така, компанијата Oracle, објави дека ја прекинала работата во Русија. Потсетуваме, Apple пред два дена објави дека ја прекинува продажбата на сите свои производи во Русија.
Ербас им се придружи на конкурентскиот производител на авиони Боинг и нафтениот гигант ExxonMobil на растечката листа на корпоративни гиганти кои ги прекинуваат врските со Русија.
Европскиот производител објави дека ја прекинал поддршката и снабдувањето со резервни делови за руската авијација. Претходно Боинг ја прекина работата, а ЕксонМобил соопшти дека ќе стави крај на заедничкото вложување од повеќе милијарди долари со руската државна компанија Роснефт.
Компаниите ја напуштаат Русија откако Западот воведе санкции, а Ербас во средата рече: „Во согласност со меѓународните санкции кои сега се во сила, Ербас ги суспендираше услугите за поддршка на руските авиокомпании, како и снабдувањето со резервни делови за таа земја.