Халкбанк потпиша договор со ЕБОР за поддршка на македонските извозно ориентирани компании

22

halkbanka

Халкбанк А.Д. Скопје потпиша договор на износ од 10 милиони евра со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Програмата за олеснување на трговијата (Trade Facilitation Programme – TFP) преку поддршка на македонските извозно ориентирани компании.

Целта на оваа Програма е преку обезбедување на потребните финансиски средства да се поедностават извозните аранжмани на македонските компании. Оваа Програма се карактеризира со многу конкурентни услови, и тоа во делот на цената, рокот и минималниот износ кој може да биде искористен и се состои од две компоненти – одобрување на краткорочни кредити и издавање на гаранции во корист на меѓународни комерцијални банки за покривање на политичките и комерцијалните ризици кои може да настанат во текот на реализирање на плаќањата во однос на наведените финансиски инструменти за поддршка на трговијата. Покрај тоа, Халкбанк А. Д. Скопје, ќе има корист од наградуваните проекти за техничка соработка од страна на ЕБОР во делот на финансирање на трговијата.

”Ова е првиот склучен договор за одобрување на краткорочни заеми за финансирање на трговијата на македонскиот пазар и е еден вид на дополнување на веќе постојните механизми за гарантирање на инструментите за финансирање на трговијата кои ги нудиме преку неколку локални банки. Среќни сме што Халкбанк ќе ги канализира овие средства кон македонските извозници со што ќе обезбеди адекватна поддршка за зголемување на извозот на производите произведени од страна на локалните компании. Ние многу ја цениме посветеноста на Халкбанк А.Д. Скопје за поддршката на македонската економија и со оглед на тоа што оваа Банка е една од најактивните Банки на македонскиот пазар, таа за нас претставува еден вид на природен партнер кога станува збор за воведување на нови производи на пазарот”, вели Анка Јоана Јонеску, раководител на канцеларијата на ЕБОР во Скопје.

Соработката меѓу Халкбанк и Европската Банка за Обнова и Развој (ЕБОР) постои уште од далечната 1997 година. Еден од најзначајните договори склучен помеѓу двете институции е договорот за кредитната линија за финансирање на проекти од областа на енергетската ефикасност и зголемување на конкурентноста на компаниите склучен во 2010 година на износ од шест милиони евра. Оваа линија беше успешно искористена во целост.

Промовирана во 1999 година, ТФП Програмата има за цел да ја унапреди надворешно трговската размена во некоја од земјите во кои ЕБОР инвестира, како и помеѓу самите овие земји. Преку програмата, ЕБОР обезбедува гаранции за меѓународните конфирмирачки банки и краткорочни кредити на одредени банки и факторинг компании за кредитирање на локалните извозници, увозници и дистрибутери. Во ТФП Програмата во моментов се вклучени над 120 партнерски банки во 25 земји, во кои Банката инвестира, со лимити кои надминуваат 1,5 милијарди евра во вкупен износ, како и повеќе од 800 конфирмирачки банки ширум светот.