Вработените во Халкбанк заедно со работници од Македонски шуми и активисти кои ја користат мобилната апликација HalkEco, денеска на падините околу велешкото езеро Младост спроведоа акција за садење 6.000 дрвја. Оваа локација минатата година беше зафатена со катастрофалниот пожар којшто уништи огромна површина боровa шумa. Дрвјата кои банката ги обезбеди и кои треба да помогнат за обнова на изгорените површини и повторно зазеленување на оваа туристичка локација, се резултат на кампањата HalkEco што започна минатата година и има за цел да ги поттикнува граѓаните на поголема физичка активност, стои во соопштението.
“Халкбанк посветувајќи се кон подигнување на еколошката свест во нашата земја, минатата година направи еден значаен чекор и во таа насока ја разви мобилната апликација HalkEco. Оваа апликација е одлично прифатена од страна на корисниците, не само од оние кои редовно спортуваат, туку и од обичните граѓани кои решија со нејзината употреба да дадат свој придонес во засадување нови дрвја и заштита на животната средина. Ние во Халкбанк сме задоволни што во моментов имаме речиси 4.500 корисници на апликацијата кои со својата физичка активност ни дадоа обврска да засадиме над 2.000 дрвја, ова е обврска која како банка со задоволство ја прифаќаме. Со нивните изминати над 160.000 километри евидентираме и намалување на емисија на штетни гасови за над 20.700 килограми јаглерод диоксид. Се надеваме дека со денешната акција, која ќе опфати пошумување на површина од околу три хектари, ќе успееме да помогнеме побрзо да се санираат и последиците од пожарите кои лани не само што ја нарушија убавината на околината на езерото Младост, туку и ја намалија функцијата на ‘белите дробови’ на Велес“, вели Маја Наумовска Савеска од Дирекцијата за односи со јавноста во ХалкБанк.
Мобилната апликација HalkEco е дизајнирана така што на секои реализирани 80 километри, како кумулативна физичка активност на сите лица што ја користат апликацијата и се регистрирани на неа, Халкбанк засадува по едно дрво. На овој начин и банката и граѓаните стануваат одговорни за околината и придонесуваат за помасовно пошумување и засадување дрвја. Истовремено, сите кои ќе ја симнат апликацијата, со нејзиното активирање и користење при пешачење, трчање, возење велосипед или тротинет, добиваат HalkCoins. Банката преку вредни финансиски олеснувања за своите услуги и подароци, според вредноста на собраните HalkCoins, ги мотивира граѓаните да бидат физички активни, наместо да користат возило или јавен транспорт.
Халкбанк досега веќе спроведе една акција во која засади 152 дрвца во училишните дворови на основни училишта во Скопје и низ повеќе градови.
Оваа банка како еко ориентирана компанија, во последните осум години има финансирано повеќе од 6.000 еко проекти во износ од 36,6 милиони евра. Емисијата на јаглероден диоксид досега е намалена за 37.000 тони годишно, а со истите проекти се заштедени 130.000 MW/h електрична енергија.