Хемофарм најдобар српски извозник

33

Српската фармацевтска компанија Хемофарм од Вршац е добитник на наградата за најдобар извозник на годината што ја доделува Агенцијата за промоција на извозот и странски инвестиции (СИЕПА).

Компанијата Хемофарм е најголем извозник на фармацевтски производи и најголем нето извозник на Србија за девет месеци оваа година, со извоз од 120 милиони евра. Компанијата продава готови производи во 30 земји на три континенти, а извозот опфаќа преку 60% од нејзините приходи.

Во категоријата мали и средни претпријатија наградата ја доби компанијата Gomma Line од Крагуевац, која произведува гумено – технички делови за моторни возила и ги извезува на пазарите на Русија, Белорусија, Украина, Узбекистан, Германија, Франција и во државите од поранешна Југославија. Вкупниот извоз во вредност од 2,5 милиони евра во првите девет месеци сочинува 80% од приходите од оваа компанија, а Gomma Line е една од ретките српски фирми што произведуваат компоненти за моделот Fiat 500L. Посебно признание од истата категорија доби и компанијата Куч компани од Крагуевац, која произведува кисело – млечни производи и ги извезува во Руската федерација, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина. Останати добитници на посебни признанија се Метеќ од Смедерево, Минг од Белград, Термовент СЦ од Темерин и Визард од Белград.

За најдобар извозен производ се прогласени парните котли на Кирка – Сури од Белград, кои се извезуваат во Романија и Бугарија. Наградата за освојување на нов извозен пазар ја доби визбата Александровиќ која успеа да го освои големиот кинески пазар.

Наградата Извозник на годината СИЕПА ја доделува од 2004 година, со цел да ги стимулира новите извозни потфати на домашните компании. Наградата донесува и ексклузивно право наградените компании во своите материјали да го користат логото “извозник на годината”.