Hermès – луксузна семејна империја што го освои светот

159

Еден од најпознатите луксузни брендови денес, Hermès, започнал многу скромно како продавница за седла во Париз, чијшто сопственик бил Тиери Хермес.

Уште тогаш во 1837 година, од малата занаетчиска работилница се очекувал совршен производ. Многу клиенти на Hermès биле од кругот на европските благородници, како Наполеон III. До почетокот на 20 век продавницата имала листа со нарачки од целиот свет, најмногу од кралски и богати семејства.

По еден век успешно постоење, брендот во 1937 година додаде нов производ во палетата – свилен шал, којшто денес чини 1.200 долари.

Улогата на креативен и извршен директор во 1951 година ја презема Робер Дума, по смртта на неговиот дедо Емили Морис Хермес.

Дума додаде уште неколку нови производи во портфолиото на Hermès – каиши и чанти, но не ја напушташе традицијата, па сите беа декорирани со седла, узди и каиши. Сепак, овие нови дизајни не се продаваа како што се очекуваше.

Најголем успех империјата доживува под раководството на Жан Луис Дума, синот на Роберт Дума, кој ја наследува компанијата во 1978 година. Тој се задржува на оваа позиција речиси три децении и придонесува за значително подобрување на финансиската ситуација на брендот, достигнувајќи вредност од над една милијарда долари. За само седум години, во 80-тите години на минатиот век, Hermès забележа зголемување на продажбата од 82 на 446 милиони долари.

Жан Луис Дума беше “виновникот“ за воведување на облека и накит со потпис на брендот и придонесе за отворање на канцеларии и продавници низ целиот свет. Денес има повеќе од 300 продажни места на глобално ниво.

Сепак, најголемиот пресврт се случи кога ја запозна актерката и пејачка Џејн Биркин за време на еден авионски лет и предложи заедно да дизајнираат чанта.

Така се роди еден од најпознатите модни симболи на сите времиња познатата Биркин чанта. За да се произведе еден ваков уникатен модел потребни се 25 часа, а доколку чантата не е изработена совршено компанијата се случува и да ја уништи.

Жан Луис Дума го наследи неговиот син Пјер Алексис Дума, кој во 2002 година беше назначен за уметнички директор.

Минатата година магазинот Bloomberg го процени богатството на фамилијата на 49,2 милијарди долари и ја прогласи за една од најбогатите во светот.

Денес на чело на Hermès се наоѓаат двајца братучеди Пјер Алексис и Аксел Дума и имаат функција на претседатели на луксузниот француски бренд. Аксел има улога и на извршен директор, додека Пјер е креативен директор, а брендот нуди: чанти, облека и каиши, часовници, чевли и секаков вид на модни додатоци.

Фото Hermès, Facebook, Pixabay