ХЕЦ Шпилје за пет месеци произведе 69 милиони киловат часови електрична енергија

45

Хидроелектричната централа Шпилје во првите пет месеци од оваа година произведе 69 милиони киловат часови електрична енергија.

“Ако до крај на март поради сушната зима имавме релативно низок водостој и акумулацијата беше исполнета под 50%, дождовите во април и мај поволно влијаеја врз зголемување на дотеците и значително ја подобрија хидролошката состојба. Имаме одличен водостој за овој период од годината што гарантира стабилно производство во текот на летниот и есенскиот период“, велат од ХЕЦ Шпилје.

Моментно акумулацијата Дебарско Езеро е исполнета околу 91% и има резерва на вода за производство на над 36 милиони киловат часови електрична енергија. Нивото на акумулацијата изнесува 570 метри или уште два метра до максималната кота, но присутен е тренд на опаѓање на водостојот поради намалување на дотеците.

Електраната е во солидна состојба и произведува во согласност со потребите на електро – енергетскиот систем на Република Македонија. Солидната резерва гарантира уште една добра производна година во овој значаен електро – енергетски објект, каде годишниот план предвидува производство на 282 милиони киловат часови електрична енергија.