Хипо Алпе Адриа банка со загуба од 860 милиони евра во првото полугодие

hypo-alpe-adriaАвстриската банка Хипо Алпе Адриа објави дека во првите шест месеци од оваа година работела со нето загуба од 859,8 милиони евра, поради што ќе им биде потребна нова инјекција од државниот буџет. Банката уште во јули предупреди дека поради очекуваната загуба во првата половина, ќе и треба дополнителен капитал за да ги исполни пропишаните минимални капитални барања. Затоа кон крајот на минатиот месец е донесена одлука за докапитализација во висина од 700 милиони евра.

Во првите шест месеци банката ги зголемила резервациите за ненаплатливи кредити на 623 милиони евра, од 123,1 милиони евра колку што изнесуваа истиот период лани. Преку 20% од тој износ се издвоени за мрежата филијали во југоисточна Европа, во рамките на подготовките за нејзина продажба.

Брисел бара од Хипо до крајот на годината да ги продаде филијалите во југоисточна Европа, а од банката бараат рокот да се помести на средината на 2015 година, поради актуелните неповолни состојби на пазарот. Станува збор за 260 филијали и 4.800 вработени во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Вкупната вредност на банките е околу 1,5 милијарди евра.