Холандија: 3D печатени клупи од отпад

33

kids_fun

Фото: Print Your City

Дизајнерското студио The New Raw од Ротердам создаде 3D печатена клупа од отпаден материјал. Прототипот наречен XXX е изработен од пелети од пластичен отпад, пишува New Atlas. Клупата тежи 50 килограми, долга е 150, а широка 80 сантиметри. На неа можат да седнат две, три или четири лица и да се нишаат со балансирање на нивната тежина.

Проектот е наречен Print Your City, а неговата цел е трансформирање на пластичниот отпад од градовите во предмети за јавна употреба, со помош на 3D печатач. XXX е првиот ваков производ и е дизајниран за градот Амстердам. Клупата содржи приближно количество на пластичен отпад што двајца луѓе би го направиле за една година.

Формата и големината на секоја клупа може да варира во зависност од потребите, а на нив може да се испечатат и логоа и пораки од разни компании. Според креаторите, кога веќе клупата нема да функционира како таква, може да биде рециклирана во поинаков уличен мебел.

Студиото The New Raw веќе размислува за проширување на своето портфолио, со рециклирани канти, игралишта и автобуски постојки направени од рециклиран пластичен отпад.