Холандска компанија инвестира 1,3 милијарди евра во највредниот стартап за вештачка интелигенција во Европа

Холандската ASML, глобален лидер во производството на литографски машини за производство на чипови, ќе инвестира 1,3 милијарди евра во францускиот стартап Mistral AI.

Со овој стратешки потег, ASML станува најголем акционер на компанијата и добива право на место во нејзиниот одбор на директори.

Нова рунда на финансирање со вкупна вредност од 1,7 милијарди евра ја зголеми проценката на Мистрал на 10 милијарди евра, со што оваа компанија стана највредната компанија за вештачка интелигенција во Европа, пишува Momentum. Досега, таа титула ја држеше британската компанија DeepMind, која е дел од компанијата Google.

Мистрал често беше претставуван како европско-француски шампион, кој е одговор на американските фирми OpenAI и Google. На овој начин, европските компании би можеле да ја намалат својата зависност од американските и кинеските решенија за вештачка интелигенција.

Мистрал, кој е поддржан и од најголемата светска компанија NVIDIA, беше проценет на повеќе од шест милијарди долари за време на последната рунда на финансирање минатата година. Минатиот месец, FT објави дека Мистрал е во преговори со MGX и други инвеститори за нова рунда на финансирање од 1 милијарда долари, што би ја проценела компанијата на 10 милијарди долари. Минатата недела, Bloomberg објави дека се очекува оваа рунда да биде проценета на околу 14 милијарди долари.

ASML е единствениот производител на софистицирани EUV литографски машини, клучен за производство на најнапредните чипови. Со оваа инвестиција, холандската компанија добива можност дополнително да ги подобри своите алатки користејќи ја технологијата за вештачка интелигенција и анализата на податоци на „Мистрал“.

На крајот од тргувањето, акциите на ASML забележаа зголемување на вредноста од 2,5 проценти на 676,4 евра, а во 2025 година тие се малку во минус.