Холандски компании заинтересирани за инвестиции во македонскиот земјоделски сектор

24

Холандски компаниии се заинтересирани за инвестирање во македонскиот земјоделски сектор, истакнал вршителот на должноста амбасадор на Холандија во Македонија, Питер Верхеен, на средбата со македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

“Со оглед дека Кралството Холандија претставува втор најголем извозник на земјоделски производи во светот и тоа што во македонското земјоделство гледаат големи можности за инвестирање, Верхеен побара од министерот Цветков поблиску да се запознае со состојбите во македонското земјоделство и можностите за инвестирање“, стои во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Верхеен изразил уверување дека во иднина Кралството Холандија со експертски тимови ќе му помага на македонското земјоделство, со цел полесно и побрзо прилагодување кон новите современи текови во производството на храна.

На средбата е констатирано дека соработката на Република Македонија и на Кралството Холандија е на високо ниво, но на полето на земјоделското производство може да се продлабочува и интензивира.