Хотели Метропол проектира зголемување на приходите за 10% во 2017 година

78

hotel-metropol

Доколку се земат предвид досегашните договори за престој на странски гости од земјите на Бенелукс, пред сè Холандија и Белгија, Полска како и балканските земји, Хотели Метропол А.Д. Охрид за 2017 година предвидува зголемување на приходите за 10%, стои во Финансискиот план за оваа година објавен на Македонска берза.

Дел од приходите капацитетите ги надополнуваат и со домашни гости кои учествуваат по повеќе сегменти: конгреси, семинари, спортски кампови, вонпансионски услуги – свадби, свечености, плажа кои секако ќе имаат влијание за реализација на планираното зголемување на приходите.

Резервациите по сите основи за 2017 година, се во пораст во однос на 2016-та, што укажува на можноста за остварување на проектираниот раст.

Инвестиционите активности во 2017, се зголемени во однос на истите од минатата 2016, па следствено на тоа се зголемуваат и расходите по оваа основа. И во 2017 година се продолжува со подобрување на инфраструктурата на хотелите како и тековното одржување на објектите, набавка на опрема и инвентар со цел да се задржи и подобри квалитетот на услугата кон гостите.

Останатите расходи од редовно работење треба да го задржат нивото од минатата година, т.е. со даден процент можен е и нивен благ пораст, но само со цел рационално да го следат растот на приходите, притоа клучен фактор е ценовната стабилност на влезните инпути за енергенси и суровини.

Со оглед на тоа дека растот на приходите не е во некои големи размери очекувано би било и некое благо зголемување на расходите, но не поголемо од 3%.

Хотели Метропол А.Д. Охрид и во претстојната 2017 год., ќе продолжи грижливо да  работи кон подигање на квалитетот на услугите кај сите гости во хотелите со цел да се задржи и прошири интересот за оваа туристичка дестинација.

Реализацијата на планираниот раст секако е во корелација и со актуелните случувања на Европско тло, мигрантската криза, кое се ефектуира и на севкупното работење во нашата економија, фактори кои секако имаат влијание врз префернцијата за патување кај европските гости и директно претставуваат критичен момент во хотелското работење.

Хотели Метропол АД Охрид е компанија којашто се занимава со туризам и угостителство. Располага со три хотели со класа 4 ѕвезди сместени во крајбрежјето на Охридското езеро: Хотел Метропол- капацитет од 110 соби, 6 апартмани, Хотел Турист- хотел со три ѕвезди, 88 соби, Хотел Белви – со 4 ѕвезди, 170 соби, 4 апартмани.