HR шефот на Google ги открива тајните на водење ултра успешна компанија

59

google

Фото: Google

Откако Ласло Бок се приклучи на Google како виш потпретседател на одделот за човечки ресурси во 2006, компанијата стана уште помоќна на светско ниво, а бројот на вработени значително порасна од 6.000 на 60.000, пишува Бизнис инсајдер.

Еве според него кои се тајните за успешноста на Google.

Работата треба да има значење

Вашата компанија не може да биде во постојан раст ако вработените работат само за плата или ако единствената цел на компанијата е да стане лидер на пазарот. Работата мора да биде поврзана со повисока цел.

Верувајте во вашиот тим

Како менаџер треба да им помагате на вработените, да го следите нивниот прогрес и да ја евалуирате нивната изведба. Но, сето тоа треба да биде во умерена доза, никако не смеете опсесивно да контролирате сè до степен да ја превземате нивната работа.

Вработувајте луѓе кои се подобри од вас

Најдете некој што ќе може да заврши одредена работа подобро од вас. Лошиот избор на вработени нема да има последици само врз нивната работа, туку негативно ќе влијае и врз перформансот на останатите од тимот.

Обрнете внимание на најдобрите и најлошите вработени

Проверете што е она што ги прави вашите најдобри вработени да се надминат себе си во остварувањата и дајте им за задача да ги пренесат нивните вештини на остатокот од тимот.

Внимавајте и на најлошите и дознајте ја причината за конкретниот проблем. Дали е во прашање несовпаѓање на нивниот талент со работното место или едноставно не се пронаоѓаат во компанијата и превземете го логичниот чекор.

Бидете селективно дарежливи

Правете селекција на што ќе ги трошите парите. На пример, доколку имате вешти и талентирани вработени, истите можат да бидат и учители на останатите наместо да плаќате скапи обуки. Трошоците се многу повеќе потребни за добро здравствено и пензиско осигурување.

Промените треба да се лесни и транспарентни

Кога ќе сакате нешто да промените во врска со работата на вработените, тоа нека биде транспарентно за сите. Така од критичари ќе добиете поддржувачи и нема да има сомнеж каде и во кого била грешката, едноставно сè ќе биде на виделина.

Бидете креативни и забавни

Не постои совршен тим, совршена корпоративна култура и затоа потребни се чести промени, експерименти и иновативност. Но, тоа не значи дека не треба да се забавувате при целиот процес. Со самото тоа што ќе бидете забавни и кративни, ќе бидете и попродуктивни.