Хрвати за една недела направија корона кабина, не можат да постигнат со нарачки

405

Хрватската компанија Tehnix, разви и произведува мобилна корона кабина за превенција од вируси и за лица со вирусни симптоми. Мобилната кабина, со големина 3 x 6,40 метри, опремена со кујна, купатило и просторија за спиење, има систем за греење и вентилација и е погодна за подолг престој.

“Ние ја развивме кабината пред сè заради нашите возачи кои патуваат во Европа. По пристигнувањето, тие го оставаат камионот да се дезинфицира, а тие се сместуваат во мобилна корона кабина, каде можат да се одморат и да останат таму до новото возење. Тоа е превенција за нив и луѓето околу нив. Кабината е за здравите, да ги избегнат болните, но и за болните да не ги заразат здравите“, вели сопственикот на Tehnix, Ѓуро Хорват, пишува Јутарњи лист.

Возачите немаат контакт со други луѓе во текот на целиот процес.

Кабините се дизајнирани за најмногу четири лица, храната се вметнува во посебен оддел, без контакт едни со други. Помина една недела од идејата до реализација на кабината, а Хорват вели дека за кабината веќе пристигнуваат нарачки од Хрватска, Европа и светот, којашто чини 130.000 куни (околу 17.000 евра).

Тој смета дека, освен за превенција, кабините се идеални за лекување на пациенти во случај на недостаток на болнички капацитети. 

Фото: Facebook