Хрватска ќе проверува кои директори имаат поголеми плати од министрите

49

kuniХрватското министерство за финансии подготвува надзор над платите во фирмите во кои државата е мнозински сопственик и во стотина установи чиј основач е државата, за да провери дали се спроведува одредбата според која челниците на тие тела не смеат да имаат повисоки плати од оние на министрите.

Така е одредено со закон, меѓутоа во бројни агенции, заводи, институти, болници, па и факултети правилото не се почитува, пишува Нови лист.

Нето платите на министрите се движат од 2.000 до најмногу 2.500 евра, додека Министерството констатирало дека некои челници на државни установи примаат и по 3.200 до 4.000 евра нето.

Хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ потврдил дека има случаи во кои бруто платата на челниците е поголема од платата на ресорниот минисер.

“Ги има, ги има. Обврската на секој министер е да оцени дали нерационално се располагало со средствата и тогаш да донесе одлука за разрешување на таквите луѓе”, нагласува Линиќ, пренесува Т-портал.

Министерот наведе дека до крајот на годината ќе проработи единствен систем на централно пресметување на плати за 240.000 вработени во јавни и државни служби.

“Наместо преку луѓе што до сега вршеа надзор, се ќе оди компјутерски и сликата за тоа како се трошат парите на хрватските граѓани ќе биде појасна”, вели Линиќ.

Се смета дека на овој начин државата ќе стане поевтина за граѓаните и претприемачите, затоа што порационално ќе се трошат парите собрани преку даноци.