Хрватска наскоро ќе ја добие првата мобилна банка

36

Фото: Facebook

Британски Revolut, што често се нарекува Uber за банкарство, наскоро ќе дојде на хрватскиот пазар, пишува Пословни дневник.

Оттаму велат дека во следните неколку месеци планираат да ги понудат своите услуги во Хрватска, каде што планираат да отворат своја канцеларија. Нивната најголема конкуренција, германската мобилна банка N26 неодамна влезе на словенечкиот пазар.

“Официјалното лансирање на Revolut во Хрватска ќе биде во следните неколку месеци, откако ќе добиеме поддршка за хрватската куна (HRK), како една од основните валути. Кога тоа ќе го направиме, секој во Хрватска ќе може да прима уплати во куни на својата сметка на Revolut, од било која банкарска сметка или од друга картичка, а откако тоа ќе биде готово ќе бараме и country manager за Хрватска“, вели Андреас Капсос, директор за маркетинг на Revolut.

Овој лондонски финансиски старт – ап има повеќе од четири милиони корисници, над 650 вработени и има пазарна вредност од 1,7 милијарди долари.

Мобилните банки функционираат како и другите мобилни апликации, односно не се исто што и мобилното банкарство што го нудат банките во Хрватска. Регистрацијата на корисниците во мобилните банки оди преку мобилен телефон, без никакви документи. Веднаш се добива тековна сметка што има IBAN (International bank account number) и важи за цела Европа.