Хрватската влада ќе земе дел профитот на 15 државни фирми за да го пополни буџетот

39

Поради корона кризата, хрватската влада ја бара секоја куна во земјата и пошироко, со цел да ги пополни очекуваните дупки во државната каса. Затоа решија да посегнат во џебовите на успешните државни компании, така што 15 од нив ќе треба во буџетот да уплатат 60% од нивната минатогодишна добивка. На тој начин државата каса ќе добие околу 175 милиони евра, пишува Dnevnik hr.

Минатата година премиерот Андреј Пленковиќ свечено го отвори новиот логистички центар на Хрватски пошти, но сега ќе земе повеќе од половина од нивниот рекорден профит од 17,5 милиони евра. Иако корона кризата ги погоди тешко, од таму велат дека потегот на владата нема да го уништи нивниот бизнис.

“Хрватски пошти ја имаше планирано предвидената уплата на дивидендата и тоа нема да биде проблем во нашиот понатамошен развој. Со развојот и реструктуирањето во изминатите четири години успешно ја покривме загубата од претходните периоди, а 2019 година е прва година во која Хрватска пошта му плаќа дивиденда на сопственикот“, велат од ХП.

Од ХЕП (Хрватска електропривреда), исто така, велат дека уплатата во буџетот нема да го спречи нивниот план за инвестиции во електрани.

Фото: Pixabay