Хрватскиот министер за економија поднесе оставка

22

Хрватскиот вицепремиер и министерот за економија, Радимир Чачиќ поднесе оставка, откако унгарскиот суд го осуди на 22 месеци затвор поради сообраќајната несреќа што ја предизвика во оваа земја во јануари 2010 година, во која смртно настрадаа две лица.

“Уште еднаш ќе повторам дека изразувам длабоко жалење поради трагедијата што се случи во Унгарија, која првенствено најмногу го погоди семејството на настраданиот, но не остави мали последици ниту на мене, ниту на моето семејство. Хрватската јавност го знае мојот став од првиот момент. Нивото на одговорност е небрежност, но доколку таквото ниво заслужува ваква безусловна пресуда, ќе ги сносам последиците. Свесен сум за одговорноста што ја имам во однос на граѓаните, функционирањето на државата, партнерите во Владата. Давам оставка на сите свои позиции што ги имам”, изјави Чачиќ вчера на вонредната пресконференција.

Аналитичарите во Хрватска сметаат дека развојот на ваквата ситуација не е добар.

“За владата ова се катастрофални вести затоа што Чачиќ имаше развоен концепт во главата и со него се врзани сите проекти со развоен потенцијал, а ако мора во затвор, јасно е дека не може да остане во владата”, вели политичкиот аналитичар Давор Ѓенеро.

Премиерот Зоран Милановиќ изјави дека до крајот на неделата ќе најде замена за министерот Чачиќ. Во медиумите се шпекулира дека на местото вицепремиер би можела да дојде министерката за надворешни работи и европски прашања, Весна Пусиќ, а министер за економија може да биде министерот за градежништво и просторно уредување, Иван Врдољак.