Технолошките компании сериозно навлегуваат во сферата на електричната мобилност, а доказ за тоа се и напорите на кинескиот гигант Huawei.
Apple веќе е во преговори со неколку различни производители како и снабдувачи на батерии за нивниот Project Titan автономен електрични автомобил, но не е единствениот технолошки гигант во оваа трка, бидејќи кинескиот титан Huawei веќе размислува за пласирање на автономно возило на пазарот во блиска иднина.
Веќе е добро познато дека Huawei е решен да влезе на автомобилскиот пазар и тоа беше откриено за време на неодамнешната индустриска конференција, откако извршниот директор на одделот за паметни возила, Ван Јун, откри колку се амбициозни плановите на компанијата за автономните возила.
“Целта на нашиот тим е да достигне до вистински патнички автомобили без возач до 2025 година“, истакна тој, а пренесува Auto News Europe.
Huawei во Април откри дека ќе инвестира 1 милијарда долари во истражување на електрични возила и технологии за самоуправувачки автомобили. Компанијата веќе постигна партнерство со BAIC Group, Chongqing Changan Automobile и Guangzhou Automobile Group за развој на автономни возила, а според најавите, истите ќе го користат логото на Huawei.
Откако нивниот глобален бизнис со паметни телефони беше потресен од санкциите на САД поставени за време на администрацијата на Трамп, милијардерот основач Рен Женгфеи започна да ги проширува полињата на делување на Huawei во паметната агрокултура, здравството и електричните автомобили.
Во Април, ротацискиот претседател Ерик Су истакна дека инженерите на компанијата веќе развиле полуавтономни возачки системи кои можат да функционираат без никаква човечка интервенција до 1.000 километри.
Инаку, Huawei навлезе во автомобилската индустрија со лансирањето на моделот Seres SF5 кој беше заеднички развиен со автомобилскиот производител Cyrus кој е во сопственост на DFSK.
Преземено од Avtoplus.mk