Македонските естрадни уметници Виолета Томовска, Благица Павловска, Јордан Митев, Ефто Пупиновски, Милица Кузмановска, Круме Спасовски и Дејан Добрески ќе настапат на хуманитарен концерт посветен на семејството Кочоски од Скопје.
За ова сиромашно седумчлено семејство (родители и пет малолетни деца, од кои едно шестмесечно бебе), кое живее во населбата Драчево, на хуманитарниот концерт ќе настапат и културно-уметничките друштва Гоце Марковски, Фолклорни бисери, Кочо Рацин и Студио Фолклор.
Поради ова, училиштето Игор Продакшн го организира овој концерт на 14.06.2015 година во спортската сала Македонско сонце во основното училиште 11 Октомври (спроти полициска станица Пролет). Манифестацијата трае од 13 до 15 часот.
Влезницата на концертот е 100 денари и може да се купи во Југотон. Собраните пари ќе бидат наменети за семејството Кочоски на кои треба да им се обезбеди кров над глава или доколку институциите помогнат во нивно сместување со обезбедување социјален стан, тогаш собраните пари ќе се пренаменат за купување покуќнина.
Засега единствен генерален спонзор на хуманитарниот концерт е Фабриката за перници и постелнина Донитекс од Свети Николе.
Семејството Кочоски живее во многу нехумани услови. Секое утро се буди со страв дека кровот во изнајмената куќа ќе им падне над глава. Од овој месец, семејството ќе остане на улица бидејќи куќата во која живеат има нов сопственик, кој сака да ја урне. Семејството живее во соба од пет метри квадратни, со многу влага и нехумани услови за живот. Сите спијат на еден кревет и немаат купатило.