Хуманитарниот концерт обезбеди едногодишна кирија за семејството Кочоски

26

koncert za semejstvo Kocoski

Собраните пари од хуманитарниот концерт за Кочоски „обезбедија“ едногодишно сместување и безгрижно живеење на седумчленото семејство. Спортската сала на основното училиште 11 Октомври беше премала да ги прифати сите хумани луѓе кои сакаа и помогнаа на семејството.

„Многу сме среќни што веќе од наредниот месец нема да останеме на улица и ќе имаме пристојно место за живеење каде ќе растат нашите пет малолетни деца“, вели таткото Благе Кочоски, кој воедно изразува огромна благодарност до организаторот, музичкото училиште Игор Продакшн.

Својата хуманост ја покажаа и естрадните уметници Виолета Томовска, Благица Павловска, Јордан Митев, Ефто Пупиновски, Милица Кузмановска, Круме Спасовски и Дејан Добрески кои ги забавуваа присутните.

„Долги години сум на македонската музичка сцена и секогаш кога сум во можност позитивно одговарам на поканите за гостување на вакви хуманитарни настани. Задоволство ми е да дадам свој придонес на овој концерт и со собраните средства да му помогнеме на семејството Кочовски. Апелирам сите кои што се во можност да донираат и да помогнат на ваквте и слични случаи на кои им е потребна нашата помош и да ја покажат својата хуманост со организирање и одржување на вакви манифестации“, рече Виолета Томовска во име на сите естрадни уметници.

За ова сиромашно седумчлено семејство (родители и пет малолетни деца, од кои едно шестмесечно бебе), кое живее во населбата Драчево, на хуманитарниот концерт настапија и уметници од културно-уметничките друштва Гоце Марковски, Фолклорни бисери, Кочо Рацин, Студио Фолклор, фолклорно друштво од Истанбул, Турција и нашиот иселеник Аце Медиќ од Австрија, кој настапи со музичка нумера од Мајкл Џексон.

За организаторот Игор Димовски, особено задоволство е да се организира ваков хуманитарен концерт, посебно кога со тоа помагате во привремено решавање на станбеното прашање на седумчленото семејство Кочоски.

„Огромна благодарност изразувам и до сите естрадни имиња кои дадоа значење и придонес во реализацијата на оваа манифестација. Со собраните средства од продажбата на билетите и од донациите од хуманите граѓани ќе изнајмиме живеалиште за семејството Кочовски за наредната година. Музичкото училиште Игор продакшн и во иднина ќе организира вакви хуманитарни настани каде учениците и поддржувачите на овие манифестации ќе можат на дело да ја покажат својата хуманост и да помогнат на лица на кои тоа во моментот им е најпотребно. Нашето малку за некого може да значи СЕ!“, вели Димовски.