
Цената на алуминиумот повторно би можела да се приближи до својот рекорден максимум од 4.100 долари за тон. Топилниците во Персискиот Залив, кои вообичаено сочинуваат околу 10% од глобалното производство, се затворени поради војната со Иран.
Проблемот за топилниците во Заливот е посложен од оној со кој се соочуваат извозниците на нафта. Не само што не можат да извезуваат алуминиум, туку не можат ниту да увезуваат алуминиум оксид . Клучна суровина за производство на метали со помош на инаку изобилните залихи на природен гас.
Ситуацијата е уште потешка бидејќи затворањето на топилницата – што моментално се случува во проектот Каталум во Катар – значи дека таа би можела да биде надвор од работа повеќе од шест месеци. Толку време е потребно за повторно да се започне производството.
Големо производство на Блискиот Исток
Алуминиумот, чие производство бара големи количини електрична енергија, стана омилена инвестиција за диверзификација на економиите на земјите од Персискиот Залив, кои имаат големи количини евтина нафта и гас.
Проценките покажуваат дека околу 5,5 милиони тони алуминиум обично се извезуваат од регионот на Заливот секоја година. Топилницата Алба и проектот Каталум – кој е во ко-сопственост на Норск Хидро – се најголемите во регионот. Тие исто така претставуваат најголем комплекс за производство на алуминиум на едно место во светот.
Холандската банка ING во истражувачка белешка наведува дека продолженото нарушување на превозот во Заливот истовремено би го запрело приливот на алуминиум оксид и извозот на алуминиум.
„Тоа значително би го намалило глобалното снабдување со алуминиум“, соопшти банката.
Ниските залихи ја зголемуваат цената дополнително
Во текот на изминатите 12 месеци, притисокот врз пазарот на алуминиум се зголемува. Делумно поради американските царини за увезениот метал. Во тој период, цената се зголеми за околу 40%, додека регионалните премии дополнително ја зголемуваат цената што ја плаќаат купувачите.
Ниските залихи на алуминиум во Соединетите Американски Држави и Европа се исто така фактор што ја зголемува цената на металот.
Рекордната цена на алуминиумот од 4.100 долари за тон е забележана на почетокот на 2022 година, кратко по руската инвазија на Украина и воведувањето ембарго за рускиот извоз на овој метал.
Инвестициската банка Citi се согласува со проценката на ING дека цената на алуминиумот би можела да достигне околу 4.000 долари за тон ако продолжат прекините во поморскиот сообраќај во Персискиот Залив.











