И Deutsche Bank нема да соработува со Трамп

49

Deutsche Bank во иднина нема да работи со американскиот претседател во заминување Доналд Трамп или неговите компании поради нападот на неговите приврзаници врз американскиот Капитол Хил, пишува New York Times повикувајќи се на неименуван извор запознат со плановите на банката.

Според извештајот на Државната канцеларија за етика на САД од 31 јули минатата година и банкарски извори, Deutsche Bank е најголемиот доверител на Трамп со побарувања од околу 340 милиони долари заеми доделени на Trump Organization, во моментов предводена од неговите двајца синови.

Портпаролот на Deutsche Bank денеска го отфрли коментарот на написот во New York Times. Trump Organization не одговори на мејлот, а прес службата во Белата куќа не одговараше на телефонски повици, додава Ројтерс.

Кристијана Рајли, раководител на деловната активност на Deutsche Bank во САД, го осуди насилството на приврзаниците на Трамп на шести јануари во Вашингтон со објава на LinkedIn минатата недела.

Фото: Pixabay