И Колумбија ќе произведува какао без уништување на шумите

24

Колумбија стана првата латиноамериканска и третата земја во светот која се обврза на производство на какао без деградација на шумите.

Имено колумбиската влада потпиша меморандум за соработка со Иницијативата за какао и шуми, движење кое има за цел да ја реализира идејата за одгледување на какао без дополнително да ги загрози колумбиските шуми. Земјата се надева дека ќе ја постигне оваа монументална цел за помалку од две години, пишува Inhabitat.

И компанијата Casa Luker којашто е најголемиот бренд на колумбиската индустрија за чоколади, се приклучи на заложбата заедно со Националната федерација за какао, а целиот проект е предводен од Светската фондација за какао.

Со овој потег, Колумбија ќе им се придружи на Брегот на Слоновата Коска и Гана, и ќе стане трета земја којашто ќе се ангажира во напорите против уништувањето на шумите, за сметка на производството на какао.

Во 2017 година, Колумбија се соочи со една од најдрастичните загуби на дрвја во светот. Севкупно, тропските земји загубија шуми со големина на Бангладеш, а во Колумбија уништувањето на шумите порасна за 46% во однос на  претходната година, губејќи околу 4.250 квадратни колометри зеленило.

Од тие причини колумбиската влада се согласи со иницијативата за спас на шумите којашто подразбира 11 основни заложби коишто вклучуваат спречување на уништувањето на шумите и деградацијата на шумите, промовирање на зачувувањето на заштитените подрачја, почитување на правата на фармерите, како и минимизирање на негативните социјални и економски влијанија преку следење и известување за напредокот на обврските, понатаму обезбедување транспарентност и отчетност и обезбедување поддршка за одржливи пазари за производи од какао итн.