И сопругата на рускиот тајкун Андреј Мелниченко под санкции на ЕУ

44

Александра Мелниченко, попозната како Сандра Моделс, сопруга на рускиот бизнисмен Андреј Мелниченко, се најде во најновиот пакет санкции против Русија. Откако нејзиниот сопруг беше ставен на листата на руски олигарси на кои Европската унија им воведе санкции, сега е и таа.

Според Ројтерс, парот и се обратил на јавноста преку неименуван портпарол кој порача:

„Одлуката на ЕУ да ги прошири санкциите за Андреј Мелниченко на неговата сопруга е „ирационална“ бидејќи таа никогаш немала руско државјанство ниту престојувала во Русија. Александра Мелниченко, која е родена во Белград и има српско и хрватско државјанство, ќе ја оспори оваа неправедна одлука“.

Претходно истата агенција објави дека санкциите се продолжуваат и на сопругата на Андреј Мелниченко, бидејќи, според бриселската администрација, тој ја отстапил сопственоста на рудникот за јаглен СУЕК АО и на компанијата за вештачко ѓубриво EuroChem на 8 март, ден пред да го стави ЕУ на списокот со санкции.

Портпаролот на EuroChem рече дека тие ќе го почитуваат законот за санкции на ЕУ, но исто така ќе се обидат да разговараат со Унијата за тоа како би можела да продолжи да ги снабдува земјоделците со ѓубрива.

„EuroChem ќе соработува со Европската комисија и ќе даде предлози за изнаоѓање решение кое ќе го одржи нејзиниот бизнис и ќе обезбеди хранливи материи за земјоделските култури на своите клиенти ширум светот во најкритичното време на кризата со храна“, рече портпаролот во соопштението.

EuroChem произведува околу 5% од светското производство на ѓубрива.

По санкционирањето на Мелниченко во март, ЕУ го обвини Мелниченко дека е близок со рускиот претседател Владимир Путин.

Претставник на семејството Мелниченко во изјава викендов изјави дека бизнисменот нема политичка врска во Русија, нарекувајќи ја одлуката за санкции „непромислена“ и „произволна“.