И Twitter заинтересиран за TikTok

32

Twitter ѝ се обрати на кинеската компанија ByteDance, којашто е сопственик на TikTok, за да покаже интерес за преземање на американските операции и апликации за споделување видео снимки, пренесува Ројтерс.

Аналитичарите сметаат дека Twitter е далеку од можноста да го надигра Microsoft и да склучи договор во рок од 45 дена, колку што американскиот претседател, Доналд Трамп, му даде на ByteDance да постигне договор за продажба.

Twitter има пазарна вредност од околу 30 милијарди долари, што е скоро идентична со проценетата вредност на TikTok, што би значело дека Twitter мора да собере дополнителен капитал ако сака да ја преземе апликацијата.

Сепак, аналитичарите сметаат дека на Twitter ќе му биде тешко да собере дополнителен капитал, а во исто време потсетуваат и на можноста акционерите да сакаат фокусот да го стават на веќе постоечкиот бизнис без да се инвестира во други сегменти.

Инаку, Microsoft на почетокот на овој месец почна преговори за купување на TikTok, којашто има над 800 милиони корисници низ целиот свет. Апликацијата е под истрага од страна на американскиот комитет за надворешни инвестиции.

Фото: Freepik