И Владата призна – годинава инфлација од 3,9%!

И Владата ја корегираше прогнозата за инфлација во 2025- та. Наместо досегашната стапка од 2,8% сега предвидува инфлација од 3,9%. Оваа нова прогноза во нагорна линија е соопштена во новиот Буџет за 2026 -та иако до неодамна најавите од владиниот врв беа дека ќе завршиме со инфалција под 3 %.

“Последните два месеци (август и септември) упатуваат на постепена стабилизација и веќе два месеци по ред инфлацијата регистрира забавување на растот. Оттаму, согласно остварувањата во текот на годината проекцијата за инфлацијата е нагорно ревидирана и се очекува просечно да изнесува 3,9% во 2025 година“ – се наведува во Буџетот за 2026.
Инфлација од 3,9% прогнозираат и Народната банка, ММФ и економските аналитичари.

“Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9 %, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следува патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5 % во 2026 година и 2,0 % на среден рок“ – соопшти гувернерот Трајко Славески.

Во претходната макроекономска оценка НБМ проектираше инфлација од 3%. Претходница на ваквата нагорна ревизија за ценовниот притисок на НБМ беше Анкетата за инфлација и БДП на Народната банка спроведена меѓу економските аналитичари. Како што веќе објави “Бизнис Инфо“ економистите оценија дека годинава ќе финишира со инфлација од 3,9% при што беа посочени не само надворешни туку и внатрешни фактори кои ја подгреваат инфлаторната спирала.
“Во рамките на домашните фактори се посочуваат и зголемувањето на минималната плата, притисокот за покачување на платите во приватниот и во јавниот сектор, како и зголемувањето на пензиите и кредитирањето, а дополнително ги посочуваат и маржите на трговците и цените на услугите“ – се наведува во Анкетата.

Дека инфлаторниот притисок ќе биде под влијание на порастот на платите и на пензиите потврди и Гувернерот Славески најавувајќи дека може да се очекува олабавување на монетраната политика само доколу има показатели за намалување и стабилизирање на инфлацијата. Ценовниот притисок е нотиран и во новиот есенски Извештај за напредокот на Македонија што ни го испрати Брисел.
“Иако инфлацијата е опаѓачка – таа сè уште се држи на високо ниво“ се нотира во извештајот.

И додека домашните и меѓународните финансиски институции упатуваат на ценовен притисок поради раст на платите и на пензиите, новите буџетски трошења предвидуваат нови зголемени трошоци за повисоки плати и пензии и во 2026 -та.
“Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од околу 52,6 милијарди денари и споредено со 2025 година истите се планирани на повисоко ниво околу 3 милијарди денари. Проекцијата е базирана на постојната законска регулатива, обврските кои произлегуваат од веќе склучените колективни договори, новите вработувања кои ќе се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции од јавниот сектор“ – пишува во буџетот.
И следната година Владата проектира инфлација пониска од 3%.

“Во текот на 2026 година стапката на инфлација се очекува да продолжи по надолниот тренд и во услови на очекувања на стабилни цени на енергенси и храна на меѓународните пазари е проектирана на ниво од 2,5%“ – се наведува во Буџетот за 2026 -та.

Д.А.