ИАТА прогнозира стабилизирање на воздушниот патнички сообраќај

67

Патничкиот воздушен сообраќај би можел да се врати на нивоата пред пандемијата уште во 2023. – една година порано од очекуваното, смета челникот на Меѓународната воздухопловна асоцијација – ИАТА, Вили Волш.

Континуираното ублажување на епидемиолошките мерки ширум светот ја ослободува побарувачката за патување што беше попречено од строгите ограничувања и контрола последниве две години, поради пандемијата на Ковид-19. Така, патничкиот сообраќај расте побрзо од очекуваното, и покрај војната во Украина и континуираните ограничувања во Кина – главниот авијациски пазар, изјави вчера извршниот директор на ИАТА.

„ Сведочиме за многу добри резервации. Во секој случај, сите извршни директори на авиокомпаниите со кои разговарам забележуваат подобра побарувачка за патувања на крајот на годината, но сведочат и за континуирана побарувачка во текот на целата година“, изјави Волш на конференција во Ријад, Саудиска Арабија.

Високите цени на нафтата и нарушувањата во туризмот поради недостиг на работна сила, досега не ги одвратија луѓето од патувања.

„Мислам дека не треба да заборавиме на фактот дека сме сведоци на „силно закрепнување“ и мислам дека тоа ќе забрза до крајот на годинава и почетокот на 2023.“, додава Волш.

Тој, сепак, предупреди дека во некои периоди следната година тоа би можело да биде послабо отколку пред пандемијата, поради послабите резултати во азиско-тихоокеанското подрачје, што е битен пазар.

„ Во Европа, патничкиот сообраќај може да се врати на нивоата пред пандемијата следната година, доколку продолжи да закрепнува со сегашното темпо“, се согласува и Хенрих Хололеј – директор на Управата за превоз и движења на Европската комисија.