Идеја вечна

24

ideja

Фото: Pixabay

Победничка компанија –  Од било каде, до врвот

Она што најмногу ценам се идеите – размислување „надвор од кутија“, иновативност, креација, одново дефинирана практичност споена со убавина. Верувам дека 90% од идеите за нови производи (или услуги) доаѓаат само од 10% компании. Уште повеќе, убеден сум дека во тие 10%, најголемиот дел (пак, околу 90% од нив) доаѓаат од млади компании. Тие – за разлика од големите компании – се слободоумни, надвор од клишеа и неоптоварени со интерна бирократија. Патот од идеја до реализација во новите компании се мери во часови, а во старите компании тој пат се мери во години. Да не должам – деновиве бев во самопослуга и видов нешто што ме одушеви: вино спакувано во алуминиумска конзерва! Немам подобар збор од „конзерва“ иако сум свесен дека она што го видов е многу, многу повеќе од конзерва. Кој би помислил дека во областа на виното кое е производ стар со векови може да има новитети. Очигледно, идеите се вечни.

zvonko

Извор на фотографијата: http://www.flasqwines.com. Коментарите се на авторот на колумната

Толку за виното. Мојот интерес е во тоа „што, кој и како“ на генерирањето идеи во бизнисот. По правило, идеите излегуваат од службите за маркетинг заедно со службите за истражување и развој. Се формира тим од експерти од двете служби со задача да излезе со нова идеја и да ја вообличи во нов производ или услуга. Маркеташите ги покриваат потребите на пазарот, а истражувачите ги покриваат карактеристиките на производот/услугата. Сево ова личи на нормално, правилно и единствено можно.

Јас се сложувам дека горната комбинација е во ред. Со една напомена: ваков тим може да излезе со стандардна или рутинска креација. Составот на тимот гарантира дека ќе добиете нешто ново што може да носи приход. Составот на тимот, за жал, исто така гарантира дека ќе добиете само „староново“, нешто што е веќе видено. Од ваков тим не излегуваат револуционерни нешта, breakthrough. Зошто?

Прво, школите ја убиваат креативноста кај луѓето. Се почнува со дива и неограничена креативност во градинките, а се завршува со високо систематизирана и организирана креативност во високото образование. На тој пат, се стекнуваат нови знаења, ама се губи чувството дека „сé е можно“.

Второ, компаниите ја убиваат креативноста кај луѓето. Нововработените влегуваат во компаниите со свежина и енергичност, за да набрзо завршат како „штраф во машинеријата“. Нормите, правилата, политиките и борбите за превласт си го прават своето – продуктивноста се цени најмногу, а идеите завршуваат во кутиите за сугестии кои никој не ги зема за сериозно.

Во што е трикот бизнисот да капитализира на идеите? Секоја компанија која се занимава со производи за широка потрошувачка мора да има барем еден човек кој:

–       нема некое посебно образование,

–       нема канцеларија,

–       се појавува на работа кога ќе му текне,

–       му одговара само на првиот човек во компанијата, и

–       редовно зема плата.

Со еден збор, pain in ass. Ама многу важен човек. Не е оптоварен со стандарди, шаблони, правила, профитабилност, исплатливост, реалистичност. Овој човек може да ви изнесе една идеја во неколку реченици и евентуално да ви даде некоја скица на салфетка. Оттука натаму, не го бива. Ниту може да истрае во одбрана на идејата, ниту пак – не дај Боже – да ја реализира. За тоа му требаат инженери, маркеташи, дизајнери. Луѓе што ќе препознаат вредност во иницијалната идеја, ама ќе ја спакуваат онака како што треба и ќе ја реализираат до крај. Препорака: ако вработите ваков човек, во моментот кога ќе видите дека се претвора во маркетинг експерт, отпуштете го бидејќи веќе нема ќар од него.

Давачите на идеи се идеолози, а спроведувачите се менаџери на идеи. Првите осмислуваат револуции, вторите ги спроведуваат. Првите горат во тек на револуциите, а вторите жарат и палат после неа. На првите им се подигаат споменици, а вторите полагаат цвеќе на спомениците за годишниците. Проста анализа на најголемите бизнис идеи во последните 20 години ќе ви покаже дека творците на тие идеи одлично се вклопуват во профилот опишан погоре. Зад секој „бизнис револуционер“ стои некој „бизнис идеолог“. На сите им се познати имињата на бизнис-револуционерите, ама само малкумина ги знаат имињата на бизнис-идеолозите. Револуционерите се најбогатите луѓе на планетава, а идеолозите обично завршуваат како „девојчето со кибритчиња“.