ИЕА: Недостаток на испораки до крајот на годината поради помалото производство на нафта

29

Намалувањето на производството на нафта во Саудиска Арабија и Русија ќе доведе до значителен недостиг на понудата до крајот на годината, што ќе ги зголеми ризиците од натамошна нестабилност на глобалните пазари, објави  Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Саудиско-руската алијанса се покажа како огромен предизвик за нафтените пазари, посочија меѓу другите.
Според ИЕА, намалувањето на производството на нафта од страна на проширената група на производители на нафта ОПЕК +, предводена од Саудиска Арабија, ќе предизвика залихите на нафта да бидат на „непријатно ниско ниво“ во последниот квартал од оваа година. „Ова ќе ги зголеми ризиците од ново зголемување на нестабилноста, што, со оглед на кревкото економско опкружување, не би било во интерес ниту на производителите, ниту на купувачите“, предупреди ИЕА, а пренесува француската новинска агенција АФП.

И покрај сето тоа, глобалната побарувачка на нафта сè уште е на пат да се зголеми за 2,2 милиони до 101,8 милиони барели од 159 литри дневно оваа година, според ИЕА, делумно што се должи на враќањето на кинеската потрошувачка, а делумно на зголемената потрошувачка на воздухопловно гориво.

По одлуката на Саудиска Арабија да го продолжи до крајот на годината намалувањето на производството на нафта од 1 милион барели дневно, кое започна во јули, и одлуката на Русија да го намали извозот на сурова нафта за 300.000 барели дневно во истиот период, цената на Северноморската нафта брент падна над 90 долари за барел за прв пат од ноември 2022 година

Трендот на раст е видлив и во последните денови, што предизвикува стравувања дека повисоките цени на нафтата би можеле да се одразат на растот на инфлацијата, а со тоа и на идните одлуки на централните банки за одржување високи каматни стапки.

Денешното предупредување, издадено од ИЕА во својот месечен извештај за пазарот на нафта, доаѓа еден ден откако групата на ОПЕК соопшти дека очекува недостиг од понудата на нафта од повеќе од три милиони барели дневно во последниот квартал од оваа година, најголем во последната деценија.

Саудиска Арабија најпрво во јули ја објави одлуката за намалување на производството на нафта за еден милион барели дневно за да се стимулира растот на цените на оваа суровина, најпрвин објавена по состанокот на проширената група на производители на нафта ОПЕК + на почетокот на јуни, а потоа продолжи до септември во почетокот на август. Минатата недела, пак, најави продолжување на мерката до крајот на годината. Истиот ден Русија, која исто така е дел од групата ОПЕК+, го потврди продолжувањето на намалениот извоз на нафта до крајот на годината.