ИЕА: Пазарот на ретки минерали е двојно зголемен во последните пет години

14

Пазарот на ретки и критични минерали, неопходни за транзиција од фосилни на обновливи извори на енергија, се удвоил во последните пет години, забележува Меѓународната агенција за енергетика  во извештај (ИЕА). Се додава дека литиумот е меѓу најпопуларните минерали.
Екстракцијата на минерали како што се литиум, кобалт, никел и бакар, кои се важни за напојување на електрични возила, турбини на ветер, соларни панели и други почисти технологии, сè повеќе доаѓа до израз во глобалната рударска индустрија, се посочува во извештајот, додавајќи дека пазарот во иднина ќе продолжи да расте брзо.

Инвестициите во развојот во оваа област пораснаа за 30 отсто минатата година, според ИЕА, по зајакнувањето за 20 отсто во 2021 година.
Од минералите најпопуларен е литиумот каде инвестициите се зголемени за 50 отсто, а потоа следат бакарот и никелот. Според ИЕА, силниот пораст на овие инвестиции последователно влијае на поголема достапност и ја забрзува транзицијата кон зелена енергија.

„Треба да се направи многу повеќе за да се обезбедат сигурни и одржливи синџири на снабдување“, рече директорот на ИЕА Фатих Бирол кога беше објавен извештајот, додавајќи дека зајакнувањето на растот на пазарот е клучно за светот да ги исполни своите цели за енергија и клима.

Доколку се спроведат сите тековно планирани проекти, снабдувањето со минерали би можело да биде доволно за да се исполнат моменталните климатски цели на земјите, според ИЕА.

Сепак, ИЕА како загрижувачка ја посочува прекумерната зависност од некои избрани земји, како Кина.

Во светлината на забрзаната енергетска транзиција, прашањето за зависноста во снабдувањето со минерали стана важна тема и во ЕУ, каде што има повици ЕУ да се залага за автономија во областа на обезбедување на доволни количини критични минерали.