Инвестициите во чиста енергија ќе ја зголемат предноста во однос на инвестициите во фосилни горива во 2023 година, соопшти денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), при што се очекува соларните проекти за првпат да ги надминат трошоците за производство на нафта.
Годишните вложувања во обновливите извори на енергија се зголемени за речиси една четвртина од 2021 година, во споредба со зголемувањето од 15 отсто за инвестициите во фосилни горива, објави ИЕА во својот денеска објавен извештај за светските инвестиции во енергијата (World Energy Investment).
Околу 90 отсто од потрошувачката на чиста енергија е во напредните економии и Кина, што го нагласува глобалниот јаз меѓу богатите и сиромашните земји, бидејќи инвестициите во фосилни горива сè уште се двојно повеќе од потребните за да се постигнат нето нула емисии на стакленички гасови до средината на векот.
„Чистата енергија се пробива брзо – побрзо отколку што многу луѓе сфаќаат“, рече извршниот директор на ИЕА Фатих Бирол.
„За секој долар инвестиран во фосилни горива, околу 1,7 долари сега се користат за чиста енергија. Пред пет години, односот беше еден спрема еден“, додаде тој.
Оваа година во светот ќе бидат инвестирани околу 2,8 трилиони долари во енергија, од кои повеќе од 1,7 трилиони долари се очекува да бидат наменети за обновливи извори на енергија, нуклеарна енергија, електрични возила и подобрување на ефикасноста.
Останатите трилион долари ќе одат за нафта, гас и јаглен.
Побарувачката за јаглен ќе достигне историски максимум, шест пати повеќе од потребното ниво до 2030 година за да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година.
Тековната потрошувачка на фосилни горива е значително повисока од онаа што е потребна за да се исполнат климатските цели до средината на векот, соопшти агенцијата.
Во 2023 година, трошењето за соларна енергија би можело да достигне повеќе од една милијарда долари дневно или околу 380 милијарди долари годишно.
„Ова ја крунисува сончевата енергија како вистинска енергетска суперсила.Се појавува како најголема алатка што ја имаме за брзо да ја декарбонизираме целата економија“, рече Дејв Џонс, раководител на одделот за увид во податоци на енергетскиот тинк-тенк Ember.
– Иронично е што некои од најсончевите места во светот имаат најниски нивоа на соларни инвестиции, додаде тој.
Инвестициите во ново снабдување со фосилни горива ќе се зголемат за шест отсто во 2023 година до 950 милијарди долари, додаде ИЕА.
ОПЕК во соопштение наведе дека повиците на ИЕА да се запре со инвестирање во нафта ја поткопува глобалната енергетска безбедност и раст.
Научниците и меѓународните активисти за климата предупредија дека индустријата за фосилни горива ги влошува катастрофалните ефекти од климатските промени.