Ифо: Војната во Украина ги намали очекувањата на деловните лидери во Германија

81

Довербата на германските деловни лидери се намали овој месец, како одраз на загриженоста поради зголемувањето на цените на енергијата, недостиг на возачи и стабилноста на синџирот на снабдување влошени од војната во Украина, покажа студијата на Институтот Ифо.

Индексот на бизнис клима се намали за 7,7 поени овој месец во однос на ревидираната вредност во февруари, намалувајќи се на 90,8 поени, објави  германскиот економски институт.

Се намали и индексот на деловните очекувања, за дури 13,3 поени, на 85,1 поен. Ова е неговиот најголем пад од почетокот на пандемијата на коронавирусот.

„Компаниите во Германија се подготвуваат за тешки времиња“, заклучи претседателот на Ифо, Клеменс Фуест.

Оценките за актуелната деловна состојба, исто така, се влошија, иако значително поблаги, при што индексот се намали за 1,6 поени.

Според Јоерг Крамер од Комерцбанк, компаниите особено се плашат од ризици како што е можен европски бојкот на руската нафта, што дополнително би ја влошило и онака тешката ситуација со понудата и би поттикнало уште посилно зголемување на цените.

Во моментов, две третини од индустриските компании сакаат да ги зголемат цените, најмногу откако Ифо почна да ги следи податоците, а трговците на мало се подготвуваат да го следат нивниот пример, истакна Клаус Вохрибе, експерт од Институтот за економија.