Ikea дизајнираше кошница за пчели

116

Речиси секој слушнал за Ikea, но не сите знаат дека компанијата има посебна лабораторија, наречена SPACE10, која се фокусира на креирање одржливи и функционални решенија за надминување на предизвиците на секојдневниот живот. Еден од последните предизвици на светот глобално е изумирањето на пчелите, поради што SPACE10 склучи партнерство со студиото за дизајн Bakken and Bæck и дизајнерката Танита Клајн за да го создадат Bee Home, open-source кошница за пчели, којa секој може да ја дизајнира бесплатно, пишува Inhabitat.

“Сакам луѓето да можат да дизајнираат совршен дом за пчелите кој е најдобра средина за одгледување на нивниот подмладок, истовремено лесен за дизајнирање, склопување и поставување. Ми беше битно Bee Home да е естетски пријатен и да изгледа речиси како да сте поставиле скулптура во дворот. Проектот е пример како дизајнот може да биде добар и за луѓето и за нивната околина“, вели Клајн.

Процесот на правење на кошницата е едноставен и забавен. Едноставно посетете ја страницата Bee Home за да видите какви опции имате. Можете да ја изберете големината, висината и ширината која ви одговара. Кога ќе ги изберете параметрите, можете да го симнете дизајнот. Потоа да ги искористите шемите за да изградите Bee Home.

Bee Home е наменет за пчелите самотници, кои се одлични работници. Eдна таква пчела може да опраши исто толку цветови колку што можат 120 медоносни пчели. Секоја од женките е кралица, која дава по 20-30 нови пчели, а неколку кралици можат да живеат во една иста кошница.

“За да се поврземе со сите пчели во нашата средина мора да им го вратиме тоа што го зедовме од нив – нивните домови. Со дизајнирањето нови интерактивни искуства ние создаваме поодржлив производен процес“, велат од Bakken and Bæck.

Фото: Space10