„Има работи за кои не треба да се грижите, а ова е една од нив“: На Бафет не му е грижа за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД

36

Претседателот на американскиот холдинг Беркшир Хатавеј, милијардерот Ворен Бафет денеска изјави дека не го загрижува фактот што агенцијата Фич го намалила кредитниот рејтинг на САД.

– Бершир Хатавеј купи американски државни обврзници во износ од 10 милијарди долари во понеделник минатата недела, како и во понеделник оваа недела, а тоа ќе го направи и следниот понеделник. Единственото прашање е дали ќе бидат тримесечни или шестмесечни трезорски записи, изјави Бафет за CNBC.

Тој смета дека намалувањето на кредитниот рејтинг на САД не е причина за загриженост.

– Има некои работи за кои не треба да се грижите, а ова е една од нив, смета Бафет.

Фич Рејтинг во вторникот го намали кредитниот рејтинг на Соединетите држави, наведувајќи го зголемувањето на федералниот, државниот и локалниот долг и „континуираното влошување на критериумите за управување“ во последните две децении.

Рејтингот на САД беше намален од највисокиот рејтинг ААА за еден степен на АА+.