Индекси на трошоците на животот и цени на мало за август

21

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во август 2018 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.3, а индексот на цените на мало 100.9.

Пораст на индексите на трошоците на животот во август 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 4,9 %, цигарите за 0,7 %, трбушките, замрзнатото овошје за 0,6 %, јогуртот за 0,5 %, рибата и морските плодови и конзервираното овошје за 0,2 %.

Во август 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 21,1 %, другите медицински производи за 3,7 %, туристичките пакет-аранжмани за 2,5 %, услугите за сместување за 2,2 %, услугите за култура за 2,1 %, снабдувањето со вода и другите услуги во врска со станот за 0,9 %, малите електрични апарати за 0,5 %, парамедицинските услуги, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,4 % и велосипедите за 0,3 %.

Намалување на индексите на трошоците на животот во август 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 5,2 %, сувото овошје и јаткастите производи за 0,7 %, другите преработки од месо за 0,6 %, млекото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,4 %, сушеното, чаденото и пушеното месо, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,3 %, сирењето и урдата, маслото и маснотиите, другите прехранбени производи и безалкохолните пијалаци за 0,2 %.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај централното греење на
домаќинствата за 2,9 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 1,7 %, течните горива за домаќинствата за 1,3 %, средствата за чистење и одржување на станот за 1,2 %, информатичката опрема за 1,0 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 0,7 %, обувките за 0,5 %, мебелот за домаќинствата за 0,4 %, текстилот за домаќинствата, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 0,3 %, градините, растенијата и цвеќињата, услугите за лична хигиена и другите лични предмети за 0,2 %.

Индексот на трошоците на животот во август 2018 година, во споредба со август 2017 година, забележа пораст од  1,5 %, а индексот на цените на мало забележа пораст за 3,3 %.