Индексите паѓаат, Евергранде продолжува да загрижува

27

На азиските берзи  се тргува претпазливо денеска, бидејќи инвеститорите сè уште се загрижени за ситуацијата околу кинеската компанија Евергранде, па затоа не беа охрабрени од вчерашниот силен раст на цените на акциите на Волстрит. Берзанскиот индекс MSCI Азија-Пацифик, без јапонски, беше околу 7,00 часот речиси непроменет во однос на вчера, додека неделното ниво е намалено за 0,6 проценти.

Утрово на берзата во Токио, индексот Никеи скокна за околу 2 проценти, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Хонг Конг и Австралија се лизнаа помеѓу 0,1 и 0,5 проценти.

Азиските берзи се претпазливи бидејќи инвеститорите и понатаму се загрижени за кинеската компанија за недвижности Евергранде. Цената на нејзиниот удел падна утрово за 7 проценти, откако медиумите пишуваа дека кинеските власти им рекле на локалните лидери дека се подготвуваат за евентуален колапс на Евергранде.

Проблемите на Евергранд, предизвикани од падот на продажбата и огромните долгови, со денови вршат притисок врз кинеските пазари, бидејќи може негативно да влијаат на целиот сектор на недвижности.

Меѓутоа, инвеститорите веруваат дека кинеските власти ќе помогнат, доколку е потребно и доколку постои ризик проблемот да се прелее на целиот сектор.