Фото: Pixabay
Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во декември 2017 година е за 0,2 процентни поени повисок во однос на претходниот месец, а во однос на декември 2016 година е зголемен за 1,5 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во декември 2017, во однос на ноември 2017 година, е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени во однос на ноември 2017 година.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во декември 2017 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна е и во однос на декември 2016 година. Се очекува бројот на вработени да порасне.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во декември 2017 година изнесува 66,3% од нормалното искористување.
Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 21,4%, недоволната домашна побарувачка со 19,6%, недостигот на квалификувана работна сила со 19,4% и неизвесното економско опкружување со 11,7%.