Индустриската зона Жабени добива нов лик

48

Општина Битола продолжува со реализација на договорените обврски со инвеститорите.

Имено, во Индустриската зона Жабени интензивно се врши асфалтирање на паркинг просторот кај фабриката на интернационалниот бренд во автомобилската индустрија Кромберг и Шуберт, како и на улицата покрај фабриката.

“Се работи за асфалтирање на влезот во Жабени, првата улица до првата изградена фабрика, како и паркинг просторот. Се што се однесува на јавните површини во овој дел се обезбедува преку финансиските средства на општината, а она што е предвидено во проектите го обезбедуваат инвеститорите. Се работи за паркинг простор околу 5000 м² и улица во должина од 700 метри. Како што гледате Кромберг и Шуберт веќе го активира и своето сменско работење и овој дел им беше многу потребен, токму затоа го обезбедуваме и паркинг просторот, а после ова следува и хортикултурно уредување на просторот. Овој проект претставува голем подвиг за општина Битола и целиот регион”, изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.

Моментално во фабриката на Кромберг и Шуберт работат 836 граѓани, а во декември се очекува да бидат вработени уште 200 граѓани, со што ќе биде надмината предвидената бројка на вработувања до крајот на 2013 година.

Следната година во фабриката е предвидено да се вработат уште 1000 граѓани, а во 2015 уште 500. Доколку динамиката се одвива според досегашните проекции во следната фаза се очекува изградба на уште една хала во фабриката и вработување на уште 1500 граѓани во Кромберг и Шуберт.

Во зоната продадени се 48 парцели на 28 инвеститори, а издадени се 6 одобренија за градба.