Инфлацијата во ЕУ достигна рекордно ниво во март

82

Инфлацијата во еврозоната драстично забрза во март, достигнувајќи ново рекордно високо ниво од 7,5 отсто, поттикната од зголемените цени на горивата и природниот гас, но и од големиот пораст на цените на храната, покажаа првите проценки на Евростат во петокот.
Проценката покажува дека растот на потрошувачките цени во 19-те земји кои ја делат единствената валута, изразен со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), бил значително посилен во март отколку во февруари, кога цените пораснале за 5,9 отсто на годишно ниво.

Главната причина за силното забрзување се рекордно високите цени на горивото и природниот гас.

Цените на енергијата во еврозоната во март беа за 44,7 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година, по растот од 32 отсто во февруари.

Значително поскапеа и свежата храна, за 7,8 отсто во однос на март минатата година, по растот од 6,2 отсто во февруари, според првичните проценки.

Со исклучок на високо нестабилните цени на енергијата и храната, стапката на инфлација во март беше 3,2 отсто, пресметаа европските статистичари, што е уште подалеку од целта на Европската централна банка (ЕЦБ) од два отсто. Во февруари беше 2,9 отсто.