
Инфлацијата во еврозоната продолжи благо да расте во јануари, на 2,5% на годишно ниво, четврти последователен месец на раст поради растот на цените на енергијата, објави Евростат. Во декември, инфлацијата на потрошувачките цени во 20-те земји од еврозоната беше 2,4%. Аналитичарите на FactSet очекуваа просечно стабилизирање на индикаторот во првиот месец од 2025 година.
Инфлацијата во таа зона во септември го достигна најниското ниво во последните три и пол години од 1,7%, но од октомври ја надминува целта на Европската централна банка (ЕЦБ) од два проценти. Сепак, базичната инфлација, која се пресметува со исклучување на нестабилните цени на енергијата и храната, што е референца за експертите, во јануари беше стабилна на 2,7%, непроменета во однос на септември.
Севкупно, зголемувањето на цените во 20-те земји кои ја делат единствената валута, еврото, очигледно се смири од рекордната годишна стапка од 10,6% постигната во октомври 2022 година, во контекст на порастот на цените на енергијата поврзани со војната во Украина.
Благодарение на овој тренд, Европската централна банка ја намали својата референтна каматна стапка пет пати од јуни, а сега Европа повеќе не се грижи толку за инфлацијата колку за економскиот раст. ЕЦБ очекува инфлацијата трајно да се врати на два отсто оваа година.