
Годишната стапка на инфлација во Италија се зголеми во октомври од септемвриските 4,2 проценти на 5,5 проценти, првенствено поради силниот пораст на цените на енергијата, според конечните податоци објавени денес од италијанскиот завод за статистика Истат.
Конечниот резултат ја надмина прелиминарната проекција на државата, која првично објави дека октомвриската инфлација ќе изнесува 5,4 проценти.
Цените на електричната енергија и гасот опфатени со регулирани тарифи се зголемија за 61,6 проценти на годишно ниво, по зголемувањето од 25,8 проценти во септември, додека цените на енергијата со нерегулирани цени се зголемија за 29,8 проценти, во споредба со 22,5 проценти претходниот месец.
Дополнителен притисок врз потрошувачките цени дојде од непреработените прехранбени производи, чии цени се зголемија за 7,5 проценти, во споредба со 5,5 проценти во септември, како и од транспортните услуги, каде што растот се забрза од 1,6 на 3,2 проценти.
Основната инфлација во Италија, која ги исклучува енергијата и свежите прехранбени производи, се забрза од 1,6 проценти во септември на два проценти.
Кога од пресметката се исклучуваат само енергетските производи, октомвриската инфлација изнесуваше 2,5 проценти, во споредба со двата проценти во септември.
Цените на стоките во Италија се зголемија во октомври за 7,6 проценти на годишна основа, забрзувајќи се од 5,4 проценти, додека растот на цените на услугите беше многу побавен и изнесуваше три проценти, наспроти 2,6 проценти во септември.











